Судењето на Трамп за прикривањето на сексуалните скандали одложено за средината на април

Првично закажано за 25 март, судењето ќе биде одложено за 30 дена, според пресудата на судијата од Менхетен, Хуан Меркан.

од Бети Божиноска
189 прегледи

Судијата од судот на Менхетен, Хуан Меркан, донесе одлука за одложување на судењето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во врска со наводното прикривање на секс-скандали за време и по претседателската кампања во 2016 година.

Судењето, првично закажано за 25 март, ќе биде одложено за 30 дена, пренесува американската телевизија „Ен-би-си“.

Обласните обвинители на Менхетен претходно неделава поднесоа барање за одложување на судењето за да можат да ја разгледаат новата серија документи што ги добиле од федералните обвинители.

Адвокатскиот тим на Трамп, пак, смета дека дека за новите документи е потребно одложување подолго од 30 дена.

Ова е уште едно одложување на правната постапка против Трамп откако кривичната постапка против него во Вашингтон, каде што е обвинет за заговор за поништување на резултатите од изборите во 2020 година, беше одложена бидејќи поранешниот претседател поднесе жалба до Врховниот суд.

Кампањата на Трамп останува на ставот дека случајот треба да биде отфрлен.

„Претседателот Трамп и неговиот советник се доследни и цврсто стојат на ставот дека овој случај нема основа во законот или фактите и треба да биде отфрлен“, рече портпаролот на кампањата на Трамп, Стивен Чонг во изјавата.

„Денеска, откако судот на Менхетен ги призна прекршувањата од неговата канцеларија, судијата, при одложувањето на судењето, нареди сослушување за да се бара одговорност од Д.А. Брег за недолично однесување. Ќе продолжиме да се бориме еднаш засекогаш да ставиме крај на оваа измама и на сите други „ловови на вештерки“ во режија на „расипаниот Џо Бајден“.

 

 

 

Слични содржини