Судењето против Мерко одложено за 8. јули

од Nikola Popovski
376 прегледи

Повторно одложена главната расправа за судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавката на луксузниот автомобил „Ауди А6“, вреден 67 илјади евра и уште три други возила за општинските потреби.

Бранителот, пред почетокот на главната расправа, достави поднесок со листа од 68 вербални и материјални докази и побара да се одложи главната расправа а судот да ги обезбеди доказите по службена должност, зашто како што рече, тој направил обид, но без успех.

Според судијата во овој предмет, Надица Митреска, судот ќе се потруди во најкус можен рок да се обезбедат доказите потребни на одбраната. Од судот велат нема да има натамошни одлагања и дека судскиот процес се очекува да заврши во разумен рок.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 29-ти февруари го поднело обвинението до Кривичниот суд Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинението Мерко се соочува со максимална затворска казна од 5 години.

„Иницијативата на државната комисија за спречување корупција лутала долго време по обвинителствата и конечно пристигна кај нас. Се состоеше во целосно повикување на извештај на Државниот завод за ревизија, по што следуваше макотрпна работа. Нашето обвинителство го поднесе предлогот, откако се одржа колегиум во кој се договоривме да ги сработиме предметите кои можеби се во друга надлежност а се стигнати кај нас. Ние го испративме во кривичниот суд во Скопје, кој ако се прогласи за ненадлежен, ќе го препратиме во судот во Струга“, велат од обвинителството.

Слични содржини