Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе се одвива во Кривичниот суд во Скопје. Ваква одлука денеска донел Врховниот суд откако кочанскиот суд се иззема.
„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, денес на 25 јуни 2025 годинa донесе Решение КР-35/25, со кое за стварно и месно надлежен суд за постапување по предметот КООА.бр.13/25 на Основен суд Кочани, оформен во врска со пожарот кој се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“, го определи Основниот кривичен суд Скопје“, стои во соопштението од Врховен.
34 лица се обвинети за трагедијата согласно постапката од ОЈО.
Минатиот месец, директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов изјави дека очекува судскиот процес за пожарот да се одвива во дигиталната судница во рамките на затворот „Идризово“ во Скопје. Направена во 2020 година, досега користена само еднаш кон крајот на 2022 година, а реактивирана за судскиот процес за случајот „Адитив“, дигиталната судница според Пандов е во одлична состојба и може да одговори на потребите за големите судски случаи, особено оние со голем број обвинети.
Истрагата за Кочани досега беше проширувана во неколку наврати. Во трагедијата животот го загубија 62 лица, а речиси 200 беа повредени. Се уште не е познато кога ќе започне судскиот процес.