Првообвинетиот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо, на почетокот на денешното рочиште, побара изземање на јавната обвинителка Жаклина Крстевска и целото ОЈО Скопје во случајот поради несоодветно спроведена истрага.
Судијата Ивица Стефановски, судењето го одложи за 3-ти февруари, посочувајќи дека мора да остави простор Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски се произнесе по наводите во барањето за изземање.
Марјан Витановски, адвокатот на Љупчо Палевски во изјава за медиумите рече дека бараат информација дали еден од осомничените за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Боре Видевски поседува пиштол, како и за типот на оружјето. По денешното судско рочиште, истакна дека се уште се изведуваат доказите на Јавното обвинителство. Според него, Палевски смета дека е најпогоден момент кога треба да се бара изземање на обвинителката Жаклина Јосифовска, но и на целото скопско обвинителство, од причина што, како што вели, јавниот обвинител не проверил дали Видевски има пиштол.
Обвинителството, пред денешното рочиште најави дека ќе продолжи со изведување на материјални докази, и по завршување со тоа ќе биде испитан сведокот Гоце Трајковски.
Според досегашните искази на сведоци во случајот, Трајковски и таткото на убиеното 14-годишно девојче, Александар Ѓорчевски, воделе паралелна истрага со онаа на полицијата по исчезнувањето на Вања. Прибирале и гледале снимки од камерите за видеонадзор од околните објекти каде што се движело девојчето.
Инаку, Трајковски е осомничен за палење на угостителски објект во скопска Кисела Вода и до минатата недела не беше достапен за органите на прогонот. Во четвртокот самиот ѝ се предал на полицијата.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.