Судиите со порака до Мицкоски: Вашите коментари ја преминаа границата на добро однесување и преминаа во паушални напади

„Судскиот систем никогаш не генерирал долгови, па оттаму нејасно е каква е поврзаноста на судството со државниот долг од 2 милијарди евра, кој недвосмислено е последица на постојаното задолжување на извршната власт, во минатото и сега“, стои во соопштението на судиите упатено кон премиерот Мицкоски

од Nikola Popovski
26 прегледи Фото: Фејсбук

Судски совет, Врховен суд и Здружението на судии му пишаа на премиерот Христијан Мицкоски по неговите последните коментари за состојбите во правосудството и обвинителството. Му порачаа дека „неговите коментари ја поминале границата на добро однесување“.

-Господине премиер, Веќе подолго време Вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и конкретни предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика е покажување на намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите, туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите, стои во писмото на трите институции од судската власт.

Во писмото стои и дека судскиот систем никогаш не генерирал долгови, па оттаму нејасно е каква е поврзаноста на судството со државниот долг од 2 милијарди евра, кој недвосмислено е последица на постојаното задолжување на извршната власт, во минатото и сега. Сосема спротивно, додаваат судиите, токму судовите, преку наплата на паушали и парични казни, со години наназад ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат никаков поврат од Буџетот, во смисла на нови вработувања, дигитализација на услугите, опремување на судниците…

-Последниот извештај на ЕК, јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт. Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми кои државата мора да ги поправи, бидејќи истите се суштински за Европската перспектива на земјата. Со Вашите досегашни коментари го нарушувате демократскиот принцип конципиран на рамноправност на трите власти, судската, законодавната и извршна. Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитуваат, порачуваат од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии.

Премиерот вчера одговарајќи на новинарски прашања за реформите во правосудството, изјави дека не може да се согласи на зголемување на плати на лица, за кои како што рече, немаат никаков рејтинг.

-Реформите во судството се за зголемување на платите. Промената на шесте закони, главната реформа е да се зголемат платите. Следната година ние треба да вратиме 2 милијарди евра, некој што го направил претходно, и што не задолжил сите нас и нашите неродени деца. Во буџет од 6,5 милијарди, ние треба да враќаме 2 милијарди долгови, од некој кој душмански ја задолжувал државата. Ја повикувам јавноста нека каже, дали треба да се зголемат платите на судиите и обвинителите? Еве, јас ќе ја донирам мојата плата, ама барем нека судат согласно закон. Моралот не ми дозволува да се согласам на зголемување плати на лица кои немаат никаков рејтинг. И, ако е тоа клучната реформа која треба да се направи, простете, но јас нема да ја направам, кажа, меѓу другото, Мицкоски.