Судијата Александар Камбовски, со 13 гласа за од 15 членови на Судскиот совет е избран за нов претседател на советот откако Весна Дамева на крајот на минатата година поднесе оставка од функцијата. На седницата не беа присутни претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми и министерот за правда, Игор Филков кои и онака немаат право на глас во советот.
-Голема чест ми направија колегите и голема доверба ми дадоа. Бидете сигурни дека оваа институција ќе се води со интегритет и непристрасност и максимални напори за заштита на судската независност на сите судии во државата. Ова е куќа на судиите. Покрај тоа што ја контролираме нивната работа, ги охрабруваме да работат согласно законите и Уставот. Да не потпаѓаат под никакви влијанија. Крајно време е да ставиме крај на оние судии кои што не работа според законите, туку според некои нивни лични интереси. Бидете уверени дека местото нема да им биде во судскиот систем. Сите други судии кои што работат чесно, а тоа се огромно мнозинство, ќе имаат максимална поддршка на Судскиот совет и вратите ќе им бидат отворени, исто како и телефонските линии 24 часа, рече Камбовски во изјава за медиумите по неговиот избор.
Александар Камбовски е дипломиран правник и магистер по правни науки. За прв пат е избран за судија во 2010 година во Основниот суд Битола како дел од втората генерација слушатели на Акдемијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). Седум години подоцна, во 2017 година, Камбовски е избран за судија на Апелацискиот суд Битола кога станува и предавач на (АСЈО). На крајот на февруари минатата година беше избран за в.д. претседател на судот, а на почетокот на јуни 2024 година беше избран за член на Судскиот совет.
Советот се состои од 15 члена, од кои осум ги избираат судиите од нивниот ред, пет ги избира Собранието, од кои двајца ги избира претседателот на државата. Членови на Советот по службена должност се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот без право на глас.
На почетокот на декември, претходничката на Камбовски, Дамева на прес-конференција изјави дека во последните месеци од страна на одредени политичари и тоа од собраниската говорница, се правеле обиди за нарушување на нејзиниот интегритет. Го впери прстот во премиерот Христијан Мицкоски.
-Во неколку наврати, тој и политичари од сегашната власт се обраќаа со негативни ставови за членови на Судскиот совет. Сето тоа во насока да се претстави во јавноста дека јас или членови на Советот не ја извршуваме функцијата професионално и стручно. Бевме посочени како тела кои треба да бидат распуштени. Во телевизиско гостување, истакна и дека на нашето место треба да дојдат нивни луѓе – претпоставувам дека тоа се однесува на судии или обвинители кои се блиски до владеачката политичка партија. Поразително е за една демократска држава, кажа Дамева.
Претседателката на Судскиот совет го истакна и името на пратеникот Антонио Милошоски. Според неа, биле изречени сериозни закани за кривична одговорност, толкувајќи една правна ситуација, која според неа, е далеку од правото и правната доктрина. Таа информира дека најтешко што ѝ паднало што „нарачани текстови се споделувале по одредени портали со соддржина за да се оцрни и да биде прикажана како влијае во судски постапки“.
Oценската мисија на ЕУ во декември 2023 година го достави Извештајот за функционирањето на Судски совет со 40 краткорочни и среднорочни препораки за подобрување на неговото функционирање.
Препораките, како што информираа тогаш од Делагацијата на Европската унија се групирани во шест сегменти – структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.