Судијката Чачарова Илиевска нема да поднесе оставка од Судскиот совет и обвинува за упад и преседан

од Nikola Popovski
51 прегледи

Една од судијките во Судскиот совет, Тања Чачарова-Илиевска, против која има поднесено интерпелација во Собранието за нејзина смена, денеска изјави дека нема да си поднесе оставка. Според неа, самата интерпелација повеќе упатува како интерпелација за Судскиот совет како колективно тело бидејќи нема индивидуализација на конкретната работа на поедините членови. Смета дека тоа е дискриминаторски однос кон членовите на Судскиот совет кои согласно Устав и закон се еднакви и рамноправни.

Судијката нагласи дека ова е преседан во досегашната парламентарна историја на Македонија и може да има далекусежни последици. Посочува дека „некој во иднина може да поднесе интерпелација на членови на Уставниот суд, на сите судии, сите обвинители….што е недозволиво и претставува упад на законодавната во судската власт“.

-Ова е апсолутно незаконски и противуставно бидејќи ако го читаме Законот за судскиот совет, во духот на законот, во Членот 100, се упатува на зајакнување на соработката на законодавната со судската власт во однос на решавање на проблемите кои се утврдени во извештајот на Судскиот совет. Стојам на ставот дека сите три власти мора да соработуваат кога станува збор за разрешување на одредени проблеми во судството. Мораме заеднички да работиме. Пораките на Оценската мисија при ЕУ се упатени кон сите три власти. Со интерпелациите не се вршат никакви суштински реформи, рече Чачарова Илиевска во изјава за медиумите.

Таа тврди дека најсовесно и чесно ја извршува функцијата член на Судскиот совет и затоа, како што кажа, искрено не чувствува ниту морална ниту професионална одговорност за да поднесе оставка.

Слични содржини