Судијката Даниела Димовска поради приватни причини денеска побарала да биде изземена од Судечкиот совет во предметот „Титаник“. Претходно, таа побара изземање и од предметот „Талир“.
Станува збор за двата предмета кои ѝ беа распределени, а кои ги водеше судијата Осман Шабани, кој неодамна беше избран за судија во Апелационен суд Скопје.
Пред денешната расправа која беше одложена за први март, судијката посочи дека со еден од обвинетите била колешка додека работела во Собранието на Република Северна Македонија, а со друг, како што рече, се познавале од слави.
Предметот „Талир“ се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и беше отворен во 2019 година и беше во доказна постапка, како и повторената постапка за случајот „Титаник“ кој започна во 2018 година.
Поради смената на Судечкиот совет, двата предмета сега ќе треба да започнат од почеток.