Најмалку десет полицајци и двајца навивачи се повредени во судирите на холандските и италијанските навивачи во вторникот во Тирана, еден ден пред финалето на Лигата на конференциите денеска во албанскиот главен град меѓу Феенорд и Рома, јави „Асошиејтед прес“.
Две одделни групи навивачи на двата тима се судриле со полицијата додека се обидувале да се пресметаат. Холандските навивачи фрлаа пластични и стаклени шишиња и други предмети кон полицајците. Италијанците против полицијата употребиле тврди предмети и палки.
Полицијата соопшти дека 48 Италијанци и 12 Холанѓани се приведени поради учество во насилствата. Албанските власти презедоа екстремни мерки на претпазливост, при што навивачите на Феенорд и Рома беа поделени во различни зони оддалечени еден километар.
Во Тирана се очекуваат до 100.000 навивачи, иако за двата тима се дадени само 4.000 билети. Капацитетот на националниот стадион во главниот град на Албанија е 20.000. Албанија сака своето прво европско клупско финале да го претвори во празник. Центарот на Тирана денеска ќе биде ослободен од автомобили, а денот е прогласен за празник.