Судири во тунелот по Атлетико – Сити (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
322 прегледи

Тензијата од последните минути од натпреварот меѓу Атлетико Мадрид и Манчестер Сити не стивнува по последниот судиски знак. Во тунелот на Ванда Метрополитано имаше грди сцени, кога играчите на двата тима се судрија и меѓусебно се навредуваа. Полицијата интервенираше за да спречи посериозни инциденти.

Се започна на крајот од регуларното време, кога Атлетико очајнички се обидуваше да постигне гол и да го испрати натпреварот во продолженија. Домашниот дефанзивец Фелипе остро влезе во нозете на Фил Фoден, кој пак го згазна. Стефан Савиќ, кој дотрча, го извлече Фоден од теренот, а потоа настана хаос со учество на речиси сите играчи. Савиќ го фати Џек Грилиш за коса, но не доби црвен картон. Судијата Даниел Зиберт го исклучи само Фелипе.

Германецот поради прекин на играта постави 12 дополнителни минути. Жолти картони добија Ријад Марез, Фил Фoден и Жоао Кансело. Португалецот ќе биде казнет за првото полуфинале против Реал Мадрид.

Зиберт и официјално го предупреди Диего Симеоне бидејќи тренерот на Атлетико влезе на теренот. Пред тоа, Аргентинецот иронично им аплаудираше на играчите на Сити за нивните обиди да добијат na време.

„Домаќините на крајот испровоцираа апсурдни сцени. Што се случи не зависи само од нас. Ова е фудбал и на теренот има судија кој мора да се погрижи времето да не се одолговлекува. Секогаш е непријатно кога натпревар од вакво ниво завршува така“, изјави дефанзивецот на Манчестер Сити, Ајмерик Лапорт.

И поранешниот англиски репрезентативец Рио Фердинанд го критикуваше однесувањето на играчите на Атлетико.

„Одвратно однесување на играчите на Атлетико. Треба да се срамат од некои нивни постапки. Ако зборуваме за фудбал, домаќините заслужуваат да бидат наградени бидејќи го принудија Сити да игра на начин каков што одамна не сме виделе. Сепак, на крајот од натпреварот се случија работи кои не сакаме да ги видиме“, изјави Фердинанд.

Слични содржини