Денекса Судечкиот совет во предметот „Плацеви на Водно“ го прифатеи барањето на обвинителката Лиле Стефанова за одземање на имот на фирмата „ССИ инвестмент“, на чие име гласат трите апартмана на Никола Груевски во „Панорама резиденс“ што според обвинителството ги истрампал за плацевите на Водно.
Станува збор за стан од 155 метри квадратни, втор стан од 199 метри квадратни и трет стан од 200 метри квадратни чија што вредност е 660.000 евра. Привремената мерка на замрзнување на имотот ќе трае до правосилност на пресудата за предметот „Плацеви на Водно“, а завршните зборови за овој процес се закажани за 12 април, по што ќе биде објавена пресудата.
Според обвинението за овој случај, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.