На предлог на Обвинителството на Босна и Херцеговина, Судот на Босна и Херцеговина му одреди едномесечен притвор на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, премиерот на тој ентитет, Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ.
Оваа информација за Ал Џезира ја потврдија од Одделот за информации на Судот на БиХ, но не соопштуваат повеќе детали.
Пред неколку дена Додик од говорницата на Народното собрание на РС изјави дека нему, Стевандиќ и Вишковиќ им е одреден притвор.
„Станува збор за минимум 30 дена притвор, а тој рок може да се продолжи доколку е потребно. Она што можеме да го знаеме е дека тројцата осомничени ќе бидат задржани доколку бидат уапсени или се пријават во Судот на БиХ. Од Судот на БиХ ни рекоа дека повеќе информации ќе има во понеделник“, објави „Ал Џезира“.
Нејавување на рочиштето
Откако беа повикани да се појават пред Обвинителството на БиХ, Додик, Стевандиќ и Вишковиќ не се појавија на рочиштето и повеќепати изјавија дека нема да се појават пред Судот на БиХ.
Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) соопшти дека станува збор за операција на апсење со висок ризик, додавајќи дека „поради големиот јавен интерес, како и точни информации, ве известуваме дека СИПА не одбила помош од Судската полиција на БиХ, која се однесува на извршување на наредбата на Обвинителството на БиХ“.
„Имајќи ја предвид сложеноста на ситуацијата, СИПА изврши безбедносна проценка, која беше оценета како високоризична и како таква е доставена до Судската полиција на БиХ, за дополнителни информации до надлежните институции, поточно до Обвинителството на БиХ“, соопштуваат од оваа агенција.
За потсетување, обвинителот на Обвинителството на БиХ, Ќазим Хасанспахиќ утринава издаде наредба Милорад Додик, Радован Вишковиќ и Ненад Стевандиќ да се доведат на распит.