Компаниите можат да им забранат на своите вработени кои се муслимани во одредени услови да носат хиџаб, марама за покривање на косата, на работното место, пресуди Европскиот суд на правдата во два случаја иницирани од муслиманки во Германија. И во двата случаи, тие жени биле суспендирани од работа поради носење хиџаб.
Ова прашање е контроверзно низ цела Европа со години и покажува големи разлики околу прашањето за муслиманската интеграција.
Две муслиманки, едната вработена во установа за згрижување деца, а другата касиерка во Müller, не носеле марами кога почнале да работат, но одлучиле да го прават тоа неколку години подоцна, по враќањето од породилно отсуство. Им било кажано дека тоа не е дозволено, а потоа биле суспендирани, а исто така им било кажано дека можат да дојдат на работа само доколку не бидат покриени со марама или ќе бидат префрлени на друго работно место, според судските документи.
Судот мораше да одлучи дали станува збор за повреда на слободата на вероисповед или повреда на слободата на деловната активност и желбата на работодавачот да им се претстави на своите клиенти на неутрален начин. Судот на ЕУ донесе одлука за второто.