Судот на правдата на ОН премолчано ги осуди субвенциите за нафта и гас и создаде правен преседан за барање отштети

Значи, дури и ако некоја држава не е формално одговорна според Парискиот договор (како САД), може и понатаму да одговара според обичајното меѓународно право.

од desk2
20 прегледи Фотографија : Public Domain Pictures

Меѓународниот суд на правдата (ICJ) првпат јавно порача дека стимулирањето и субвенциите за фосилните горива може да претставува меѓународно прекршување на правото, така отворајќи го патот до правна одговорност на некои држави за климатските штети, и без земање во предвид на Парискиот договор.

Меѓународниот суд на правдата, највисоката правна инстанца на Организацијата на обединетите нации (ОН), на 23 јули годинава го објави историското „советодавно мислење“, во кое потврдува дека државите може да бидат правно одговорни за штетата предизвикана од испуштањето стакленички гасови.

Судот утврдил дека државите имаат правни обврски да го штитат климатскиот систем на планетата, не само на основа на меѓународните климатски договори, како што е Парискиот договор, туку и на основа на општото меѓународна право и човековите права.

Иако мислењето не е правно обврзувачко, сепак поседува голема тежина во меѓународната и националната практика, посебно како правна основа за поднесувањето тужби и барање отштета.

Важноста на мислењето уште не е правилно согледана
Ова мислење е многу поважно од третманот што го добива во медиумите. Тоа ги руши старите разграничувања помеѓу политичката и правната одговорност, експлицитно ги споменува фосилните горива како извор на климатски штети, зборува за испуштањето стакленички гасови и отвора врата за репарации – надвор од обврските на Парискиот договор, и под ингеренциите на ОН.

Мислењето на Меѓународниот суд на правдата исто така го редефинира прашањето кој е должен кому.

Иако проширувањето на правната одговорност и врз производството и субвенциите за фосилни горива не беше експлицитно спомената точка во резолуцијата на ОН за дејствувањето на Судот, ICJ самоиницијативно го прошири опфатот на одговорноста, велејќи дека „производството, консумацијата, лиценцирањето и субвенционирањето на фосилните горива може да претставуваат меѓународно прекршување на правдата (параграф 427, на 122 страница).

Тоа значи дека првпат меѓународно правно се проблематизира не само користењето на фосилните горива (испуштањето), туку и економската инфраструктура што ги поддржува – како субвенциите и концесиите. Тоа отвора врата за правни постапки против државите што и понатаму издаваат дозволи за дупчење или субвенционираат фосилни горива.

Одговорноста на државите не зависи од Парискиот договор
Судот исто така потенцира дека репарациите за климатските штети се можни независно од Парискиот договор. ICJ смета дека членот на Парискиот договор што исклучува одговорност на државите за загубите и штетите поврзани со влијанието на климатските промени не може да го дерогира меѓународното право.

Значи, дури и ако некоја држава не е формално одговорна според Парискиот договор (како САД), може и понатаму да одговара според обичајното меѓународно право; според правото за човековите права и според принципот за спречување значителна штета.

Обичајното меѓународно право (customary international law) е извор на меѓународното право што произлегува од општата и уедначена практика на државите прифатена како правно обврзувачка (opinio juris)). Тоа е обврзувачко за сите држави, дури и за оние што не се потписнички на договори што наметнуваат некакви правила.

Меѓународниот суд на правдата (ICJ), Европскиот суд за човекови права и други судови честопати се повикуваат на обичајното право кога не постои конкретна спогодба, но постои воспоставена практика.

Обичајното меѓународно право е еден од четирите главни извори на правото пред ICJ, веднаш по договорите. Често служи и како „минимален стандард на однесување“ во меѓународната заедница.

Мислењето на судот на правдата за одговорноста за климатската штета ја разбива дипломатската бариера што САД и други големи испуштачи на загадувачки гасови со години ја градеа за да избегнат финансиска одговорност. Сега повеќе не важи принципот „доброволна солидарност, без правни обврски“.

Преседан и потврда за научниците
Судот не само што ја цитира Меѓувладината комисија за климатски промени на ОН ( Intergovernmental Panel on Climate Change (IPCC) ј, туку и одржал затворен состанок со нејзинтие членови, што е досега незабележан случај. Со тоа судиите се запознале со најновите научни сознанија независно од позициите на државите. Тоа подразбира и институционално прифаќање на IPCC како примарен авторитет во однос на климатските промени.

Важноста и преседанот на ова мислење и јакнењето на правната одговорност за климатските промени, независно од политичката волја на државите да прифатат одговорност, лежи во тоа што отсега натаму судските тела повеќе не мора да чекаат и да видат што државите признаваат, туку може директно да ја вклучат научната заедница во обликувањето на меѓународното право.

Редефинирање на политичките категории и репарациите
„Статусот на држава како развиена земја или земја во развој зависи од нејзините моментални прилики“. Судот смета дека овие категории повеќе не се статични, туку исклучително бргу променливи. Тоа е силен сигнал за Кина, Саудиска Арабија и други богати земји што и понатаму произведуваат многу стакленички гасови повикувајќи се на статусот „земји во развој“. Но, на привилегиите со кои на темел на тој статус од 1990-те години досега ги користеа, им доаѓа крај.

Мислење на Меѓународниот суд на правдата (ICJ) исто така отвора пат за индивидуални и интергенерациски тужби. Судот потврдува дека поединци – сегашни или идни – може да бараат репарации независно од правилата за државна одговорност, туку на основа на повреда на правото од други договори (на пр. Човекови права, права на децата, еколошко право).

Фотографија: lokalno.mk

Ова значи дека, на пример, младите од еколошките движења или од заедници изложени на климатските промени може да го користат мислењето на ICJ како основа за национални и регионални тужби – и тоа не само против држави, туку и против корпорации, со соодветната правна рамка.

Советодавното мислење на ICJ значи длабока промена во односот на меѓународното право кон климатската криза – од политички компромис кон правна обврска. Со тоа не само што се потврдува одговорноста на државите за климатската штета, туку и се легитимира барањето за репарации, се ограничува маневарскиот простор на големите испуштачи на гасови и се воведува правна основа за тужби против економската поддрша за фосилните горива. Исто така, улогата на науката станува правно релевантна, а статусот „земја во развој“ повеќе не е штит од одговорноста.