Судот пресуди дека водата во Струмица била исправна, Костадинов: За рејтинг, ВМРО-ДПМНЕ се спремни да ги лажат луѓето дека не треба да пијат вода

од Nikola Popovski
53 прегледи

Судот денеска донесе правосилна пресуда со која го потврди она што го зборувавме цела година во врска со водата за пиење во Струмица. Агенцијата за храна и ветеринарство лажела цела година, предизвикувајќи страв и паника кај населението од општина Струмица за наводна неисправност на водата, објави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов на својот Фејсбук-профил, додавајќи ги зборовите на премиерот Христијан Мицкоски „на лагата и се кратки нозете“.

Тој ја објави пресудата на Апелацискиот суд од Штип и како што напиша „ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да остават цел град без вода само за да предизвикаат криза која потоа ќе ја користат за сопствени политички потреби“.

„За рејтинг се спремни да ги лажат луѓето дека не треба да пијат вода. Срам, мизерија и ниски страсти. Водата е чиста, питка и биохемиски исправна.За ваквите лаги на АХВ општина Струмица и јас ќе поднесеме и кривична пријава до директорот на АХВ поради предизвикување на страв и паника кај населението кое иако имаше питка вода за пиење, му беше забранувано и беше плашено да не ја пие“, стои во објавата на Костадинов.

Во 2024 година од крајот на септември до крајот на октомври водата за пиење во Струмица беше забранета за употреба заради зголемено присуство на манган, а квалитетот на водата од водоводната мрежа отстапувал од вредностите и стандардите за квалитет на водата за пиење.

Слични содржини