Украинската државна гасна компанија „Нафтогас“ во четвртокот објави дека арбитражниот суд во Хаг ѝ наложил на Москва да плати 5 милијарди долари отштета за незаконската експропријација на нејзиниот имот на Крим, полуостров анектиран од Русија во 2014 година, пишува „Хина“.
Извршниот директор на „Нафтогас“, Алексеј Чернишов, ја нарече пресудата на арбитражниот суд „клучна победа на енергетскиот фронт“ и рече дека очекува повеќе одлуки во корист на Украина.
„И покрај обидите на Русија да ја попречи правдата, арбитражниот суд ѝ наложи на Русија да ѝ надомести на Нафтогас за загубите од 5 милијарди долари“, соопшти украинската компанија.
„Русија сега мора да се усогласи со оваа одлука во согласност со нејзините обврски според меѓународното право“, се додава во соопштението.
Русија го анектира полуостровот Крим во 2014 година, предизвикувајќи бран санкции од Западот. „Нафтогас“ покрена арбитражна постапка со шест други компании од својата групација во октомври 2016 година.
Тим Еш, аналитичар во BlueBay Asset Management, рече дека пресудата е „огромна правна победа за Украина“ и тој смета дека ќе има уште повеќе.
„Нафтогас“ е во преговори со инвеститорите за реструктуирање на долгот со цел да ја извади компанијата од банкрот.