Екс-министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска објави дека Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур отвора сериозни прашања во врска со потенцијалните повреди на правото на правично судење во предметот „Тенк“. Според неа, „овие прашања не се само потврда на целото беззаконие и бескрупулозност на инсталациите на претходната власт во правосудството во однос на мене лично, туку и потврда дека токму тие инсталации беа најмоќната алатка за остварување на целите на таа влада“.
Иако поминаа скоро 5 години од поднесувањето на апликацијата пред ЕСЧП, додава Јанкуловска, а јас издржав неправедна драконска казна и штетата која ја претепев на приватен и професионален план не може да се надомести, сепак сознанието дека од страна на ЕСЧП овие повреди се препознаени, за мене е една мала лична сатисфакција.
-Можеби конечно оние со 2% доверба ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси и агенди затоа што граѓаните ги плаќаат да ги штитат, а не да ги кршат нивните права. Госпоѓата која денес е на столбот на срамот, а која за своите злодела беше од страна на претходната власт дебело наградена со висока функција е пример дека судиската тога не е панцир што штити од општествен прекор. Се надевам дека конечно ќе има одговорност за сите сторени зла, но и ако тоа не се случи, немам дилема дека никој не може да му избега на судот на историјата, порача поранешната прва полицајка во државата.
Јанкулоска беше упатена во КПУ – Идризово, за издржување на казната затвор од четири години како осудена во предметот „Тенк”, во септември 2020 година, откако таа ги исцрпи сите правни средства за одложување на издржување на казната. Јанкулоска излезе од затвор во 2023 година откако одлежа три години и еден месец.
Поранешната министерка беше правосилно осудена за набавката на владиниот луксузен „мерцедес“. Во истиот случај е осуден и екс-премиерот Никола Груевски, кој избега во Унгарија.