Федералниот суд во Тексас ја отфрли тужбата на 117 медицински работници, поднесена против Методистичката болница во Хјустон, поради барањето за задолжителна вакцинација против ковид-19.
Судијата Лин Хјуз го поддржа правилникот за задолжителна вакцинација на Методистичката болница во Хјустон и не ги прифати аргументите на тужбата за загрозување на правата на работниците.
– Болницата се стреми да ги извршува своите активности и да спаси човечки животи од инфекција со коронавирус. Тоа е одлука донесена од управата на болницата со цел да се спасат вработените, пациентите и нивните семејства – се наведува во образложението на судијата Лин Хјуз, пренесува „Ројтерс“.
Правните претставници на медицинските работници кои одбиваат вакцинација најавија продолжување на правната борба.
– Ова е само почеток на нашата правна битка – потврди претставникот на медицинските работници, Џеред Вудфил.