Обвинителството предложи куќен притвор за поранешниот министер за економија Крешник Бектеши и за екс-државниот секретар Чекиќ Дуровиќ, наместо притвор. За уште 18 лица е побарано продолжување на веќе изречените мерки. Одлуката ќе ја донесе Основниот суд во Кочани.
Се ближи крајот на распитите на сведоците во случајот за трагедијата во клубот „Пулс“, а обвинителството работи на вештачења и анализа на електронски уреди. Судскиот совет најави дека една судијка од Велес ќе биде префрлена во Кочани, со цел да се ублажи недостатокот на судски кадар.
На официјалната Фејсбук страница поврзана со Бектеши беше објавено дека тој се враќа дома, „достоинствено и посилен“, и дека неговото ослободување не е крај, туку почеток на борбата за правда. Објавата го нарекува неговото притворање неправедно и политички мотивирано.