
Нов судски процес е покренат против ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески во Основниот суд во Битола. Од судот за sdk.mk потврдија дека до нив е поднесен обвинителен предлог од Основното јавно обвинителство од Битола против Талески за кривично дело несовесно работење во службата по член 353-в став 1 од Кривичниот законик.
Дознаваме дека Талески за минатата година додека бил градоначалник е обвинет дека не водел грижа за зградата на Офицерскиот дом во Битола и лустерот во него, не го обезбедил објектот и не презел сè со што било потребно за негова заштита, па нанел штета на Општина Битола.
На судење во Битола, Талески требаше да се појави вчера, ден по рочиштето за случајот „Транспортер“ во Скопје. Но, од судот не известија дека рочиштето за главната расправа било одложено. Адвокатот на обвинетиот Драган Пажиќ побарал одлагање на процесот за подготовка на одбраната по предметот. Од судот информираат дека одбраната побарала и увид во списите на предметот за што судот мора да даде можност според законските одредби. Ново рочиште е закажано за 20 декември годинава.
Офицерскиот дом е еден од најубавите архитектонски бисери во Битола, кој датира уште од времето на 1911 година кога го градел управникот на битолскиот вилает Абдил Ќерим – паша, а дограден 1919 година. Беше заштитен на хартија како споменик од прва категорија, но во реалноста е оставен на забот на времето и се распаѓа.
По заминувањето на АРМ од него, надлежноста беше префрлена на неколку министерства. Но, не беа преземени посериозни мерки за негова заштита. Откако државата лани во јануари се откажа од негова продажба за 930.000 евра, беше предаден во надлежност на општина Битола.
Целиот текст можете да го прочитате тука