Судскиот совет демантира дека вчера бил извршен претрес во нивните простории, Потенцираат дека не била издадена таква наредба. Не откриваат детали за што се однесувале писмените барања.
-По примени писмени барања на ОЈО Скопје, Судскиот совет на РСМ постапи по истите. Нагласуваме дека не е издадена наредба за претрес, ниту е извршен претрес во просториите на Судскиот совет на РСМ.
Советот соработува и ќе продолжи да соработува со сите надлежни органи и институции во државата водејќи се од начелата на независно, одговорно и транспарентно судство и се оградува од било какви влијанија и притисоци одвнатре и однадвор, а со цел заштита на независноста и интегритетот на судството, порачаа од Судскиот совет преку соопштение до јавноста.
Денеска од МВР информираа дека земени биле записници кои треба да се проверат. Оттаму додадоа дека предистрагата е во тек и јавноста ќе биде навремено информирана после нејзиното завршување.
Вчера во СС влегла полицијата во соработка со Обвинителството, при што се барале записниците поврзани со мандатот на доскорешната претседателка Весна Дамева. Наводните претреси биле по наредба на скопското Основно обвинителство, а целта е да се провери дали има евентуални елементи на кривично дело.
Од Обвинителството појаснија дека претресите не се поврзани со „црната листа“ на САД на која од неодамна се најде и апелацискиот судија Енвер Беџети кого американскиот Стејт департнент го сомничи за вмешаност во корупција и тргување со влијание.
-Полициски службеници по Наредба на ОЈО Скопје постапуваат во Судски совет, односно се обезбедуваат два записници за да се проверат евентуални елементи на кривично дело, кратко соопштија од Обвинителството.
Пред неколку недели, премиерот Христијан Мицкоски од собраниска говорница посочи дека Дамева направила фалсификат со записните, на што таа му одговори ако има докази да ги достави до Обвинителството, во спротивно да ѝ се извини.
Дамева непосредно пред истекот на мандатот поднесе неотповиклива оставка од раководната функција, но и понатаму останува член на Советот. На прес-конференција, таа посочи дека нема слух за подобрување на состојбите во судството коешто е опструирано од власта.