Судскиот совет на Република Северна Македонија ги оценува како неосновани и неаргументирани тврдењата на Државната комисија за спречување на корупција за наводно непостапување, па дури и прикривање во случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
Во соопштението од Судскиот совет стои дека за прв пат ургенција од ДКСК до тогашната претседател Павлина Црвенковска е доставена во јуни 2021 година, во која Судскиот совет се информира дека е оформен предмет по нивна иницијатива врз основа на наводи изнесени во медиумите за постоење сомневање дека струшкиот градоначалник ја злоупотребил својата службена положба при набавка на четири автомобили за потребите на општината за 114.000 евра.
Дополнуваат дека во ургенцијата, ДКСК се осврнува и на двете решенија, донесени од ист судија, претседателот на Основниот суд во Струга, Ифет Бајрамовски.
-Во ургенцијата, ДКСК се осврнува и на двете решенија со број ППНИ 24/16 од 13.05.2016 и ППНИ 84/17 од 28.11.2017 година донесени од ист судија, Претседателот на основниот суд во Струга Ифет Бајрамовски, кои како што тврдат, иако се темелат на иста фактичка состојба и исти образложени причини, различно ја решаваат правната работа.Во првиот случај, барањето на должникот –општина Струга се одбива, додека со второто решение се усвојува.Во прилог на оваа ургенција е доставена и претставка од ДКСК од 18.11.2019 година, која е насловена до тогашниот Претседател на Судскиот совет, Киро Здравев, дополнуваат оттаму.
-Сакаме да потенцираме дека во таа прилика, Судскиот совет првпат ја добива на увид спомената претставка од 18.11.2019 година адресирана до тогашниот претседател Здравев. По направените проверки во Архивата на Судскиот совет, дојдено е до сознание дека таква претставка не е воопшто заведена во електронскиот систем. Оттаму зачудува паушалното тврдење на ДКСК дека „претставката е загубена“, се вели во соопштението од Советот.
Од Судскиот совет ја повикуваат ДКСК да достави доказ дека претставката е навистина примена во Судскиот совет во 2018 година, кога се уште течеле роковите за постапување. Зачудува фактот што на Антикорупциска и требале дури 2 години да реагира со ургенција за споменатиот случај и се поставува прашањето зошто не се заинтересирале дотогаш да побараат одговор дали е постапено по истата.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска во петокот истакна дека мерки против судската фела презема Судскиот совет, но прашува кој ќе преземе мерки против Судскиот совет.
-Ние го имаме доказот. Сега е прашањето дали е ова уште капка во мочуриштето каде што се дави Судскиот совет. Ние немаме ингеренции против Судскиот совет. Тоа е регулаторно тело за работењето на судиите, Се трудиме да ја подобриме работата со Обвинителството и сите предмети по наши наоди треба да одат по побрза лента оти се со поткрепена документација. Го почитувам нивното право се да истражат, но треба повеќе да се ослонат на истражувањата на независните институции, рече Ивановска на новинарско прашање и додаде:
Од Обвинителството се децидни дека за сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност.
-1. КО бр. 107/23 кој е заведен по кривична пријава поднесена од повеќе Здруженија на граѓани, за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ. Пријавата е поднесена на 26.04.2023 година, постапува ОЈО Струга и преема дејствија за проверка на наводите.
2. КО бр. 117/23 заведен во ОЈО Струга против наведеното и уште две други лица за кривични дела по член 353 и член 353-в од КЗ, а по кој има испитани лица и редовно се постапува.
3. КО бр. 121/23 примен во ОЈО Струга на 19.05.2023 година и по кој се проучува пријавата и предистражната постапка е на почеток.
4. КО бр.208/15 отворен по пријава од УФП за кривично дело по чл.353 ст.1,2. и 5 против лицето за кое покажувате интерес и други три лица. Обвинителот што постапува во предметот издал Наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења, по доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител се уште го чека постапувањето по Наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година.
5. КО бр. 15/22 отворен во ОЈОГОКК по кривична пријава од група адвокати против три лица, а во врска со ангажмани за адвокатски услуги, предметот е во предистрага и се постапува по истиот.
6. РО 55/19 предмет по анонимна кривична пријава за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Измама против наведеното и повеќе други лица, поврзано со експропријација на земјиште во Струга. По слични наводи постапувало и ОЈО Струга и ОЈОГОКК, по што двата предмети се споени, обезбеден е судскиот предмет и дел од списите кои се наведуваат во пријавата. Се наоѓа во фаза на предистражна постапка, велат преку соопштение од Обвинителството.
Мерко пред една недела беше ставен на црната листа на САД, поради вмешаност во значителна корупција, мешање во судски процеси, но и поткопување на довербата во институциите.