Судскиот совет нема право на жалба по одлуката за враќање на Дамева

од Nikola Popovski

Управниот суд треба да ја образложи одлуката со која ја прифати тужбата на Дамева и одлучи таа да се врати на чело на Судскиот советот. Судот ги анализирал сите записници од седниците, но не можел да најде објаснување зошто Судскиот совет и изгласал недоверба на Дамева.

-Во Судскиот совет пристигна пресудата од Управниот суд со која се поништува одлуката за разрешување на поранешната претседателка на Советот, Весна Дамева, информираат од Советот.

Оттаму велат дека таа ќе биде разгледана утре на работен состанок, а по неа треба да се постапи во рок од 30 дена и нема право на жалба.

Дамева на 26 април беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет. На седницата на Судскиот совет настана расправија откако Дамева одби да стави точка на гласање која ја немаше во дневниот ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми тогаш го презеде раководењето со седницата и сповика на гласање за нејзино разрешување, при што седум члена (вклучително и Адеми) гласаа „за“, а тој констатираше дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.

По разрешувањето, Дамева во мај поднела тужба до Управниот суд за начинот на кој беше разрешена од функцијата, а до Основното јавно обвинителство Скопје доставила и кривична пријава.

Весна Дамева беше избрана за претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска во декември минатата година. Функцијата претседател на Судски совет досега ја извршуваше Сашко Георгиев, кој дојде на нејзино место.

Слични содржини