Судскиот совет утре ќе избира нов прв човек

од Nikola Popovski
43 прегледи

Судскиот совет утре на седница ќе го избере новиот претседател откако пред еден месец поранешната претседателка Весна Дамева поднесе неотповиклива оставка, додека изборот се одложи до комплетирањето на составот со избор на двајца нови членови од редот на судиите.

Првиот човек на Судскиот совет и неговиот заменик се избираат од членовите со право на глас, откако Уставниот суд во март 2023 година го укина ограничувањето тие да се избираат само од редот на членовите што ги избира Собранието.

Претседателот на Советот се избира со најмалку осум гласа од членовите на Советот со право на глас.

Советот се состои од 15 члена, од кои осум ги избираат судиите од нивниот ред, пет ги избира Собранието, од кои двајца ги избира претседателот на државата. Членови на Советот по службена должност се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот без право на глас.

Претседателот на Собранието Африм Гаши на прес-конференција за медиумите пред Нова година рече дека „не е исклучена можноста да почне процедурата за разрешување на петте членови на Судскиот совет избрани во Собранието“, но нагласи дека за ова ќе се консултира со Уставниот суд.

Премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот за разрешување членови на Судскиот совет. Тој смета дека ниската доверба треба да е поттик за членовите сами да ги напуштат позициите и очекува новоизбраните да имаат цел и агенда поразлична од навиките по кои досега работел советот. Мицкоски во новогодишно интервју за МИА го повтори ставот за разрешување на членовите избрани од Собранието. Тој вели дека телото има легитимитет ама не и легитимност меѓу граѓаните.

На почетокот на декември, Дамева на прес-конференција изјави дека во последните месеци од страна на одредени политичари и тоа од собраниската говорница, се правеле обиди за нарушување на нејзиниот интегритет. Го впери прстот во премиерот Мицкоски.

-Во неколку наврати, тој и политичари од сегашната власт се обраќаа со негативни ставови за членови на Судскиот совет. Сето тоа во насока да се претстави во јавноста дека јас или членови на Советот не ја извршуваме функцијата професионално и стручно. Бевме посочени како тела кои треба да бидат распуштени. Во телевизиско гостување, истакна и дека на нашето место треба да дојдат нивни луѓе – претпоставувам дека тоа се однесува на судии или обвинители кои се блиски до владеачката политичка партија. Поразително е за една демократска држава, кажа Дамева.

Претседателката на Судскиот совет го истакна и името на пратеникот Антионио Милошоски. Според неа, биле изречени сериозни закани за кривична одговорност, толкувајќи една правна ситуација, која според неа, е далеку од правото и правната доктрина. Таа информира дека најтешко што ѝ паднало што „нарачани текстови се споделувале по одредени портали со соддржина за да се оцрни и да биде прикажана како влијае во судски постапки“.

Слични содржини