Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева на денешната седница ги задолжи координаторот на Апелациониот суд-Скопје со работна група составена од членови на Советот, во најкраток можен рок да извршат работна посета во Судот, со цел да се констатира состојбата со предметот „Таргет-тврдина“.
-Во смисла на почитување на законските рокови, преземените дејствија од страна на судијата и законитоста во одлучувањето, во смисла на тоа дали учествувал судија кој исполнил услови за законска пензија. Овој заклучок се однесува на предметите „Таргет-тврдина“, „Трезор“, „Транспортер“ и „Алфа“. Судскиот совет нема да навлегува во носењето на одлуката, меѓутоа може да испитува дали учествувал судија кој што не смеел да учествува и дали има сторени процесни повреди во текот на постапката, во смисла на одолговлекување на истата, рече Дамева на итната седница на Судскиот совет.
Апелациониот суд Скопје ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина“, и ја укина првостепената пресуда, а предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување. За случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК, на поранешниот директор на УБК, Мијалков судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
Критики за укинувањето на пресудата упатија премиерот Димитар Ковачевски, претседателот Стево Пендаровски, поранешниот премиер Зоран Заев и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска.