Сугарески: Срамота е општина Прилеп да се задолжи милиони евра за изградба на кружен тек

од Nikola Popovski

Поранешниот министер за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска предупреди дека за изградба на кружен тек, Општина Прилеп ќе издава обврзница изразена во милиони евра.

-Од причина што обврзницата значи финансиско задолжување на Општината, нејзиното издавање има смисла само ако е наменета за инвестиција која во иднина ќе ѝ носи приход на општината. На пример, изградба на систем за гасификација на градот, нови паркинзи, пазар и слично, истакна Сугарески.

Според него, финансиско задолжување за изградба на кружен тек е срамота.

-Градоначалник, советници од општинскиот Совет – оваа работа не ја бива. Ваквото задолжување би било ужасна грешка! Укажувам со најдобра намера, порача поранешниот министер.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески вчера изјави дека задолжувањето е неопходно.

-Како општина, според извештајот на УНДП, сме една од 10-те најуспешни општини која правилно финансиски ги распределува средствата. Имаме огромни долгови затекнато од претходно и ги исплаќаме ратите. Станува збор за вкупен долг кој го исплаќаме од околу 70 милиони денари кој гдишно го исплаќаме. Имаме и проекти кои ги финансираме од буџетот. Овие се проекти кои чинат повеќе и вреди да се задолжиме. На ваков чекор влијаеше и енергетската криза, изјави Јовчески.

Слични содржини