Мислам дека се преземаа добри мерки со цел да се осигура дека избирачкиот список е кредибилен. Избирачкиот список секогаш треба да ја рефлектира актуелната ситуација, не ситуацијата од пред пет или 10 години, туку кога луѓето навистина живеат. Во многу земји тоа се прави автоматски – вели шефицата на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Нина Суомалаинен во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Во однос на прашањето за тоа, дали се создадени сите предуслови за изборите да бидат регуларни, таа додава дека во моментов ситуацијата изгледа многу добро и се надева дека ќе продолжат потребните чекори и спроведувањето на Договорот.
За евентуалната одлука на Уставниот суд за прогласување на Специјалното јавно обвинителство за неуставно, која би можела да биде пречка за одржување на изборите, Суомалаинен вели дека „доколку Уставниот суд донесе некоја одлука за ова прашање, тогаш политичките партии се обврзаа да направат измени на законот ако е потребно.“
– Верувам дека таа обврска ќе биде спроведена. Не би сакала да одам во веројатности на некои прашања и се разбира фокусот треба да биде на спроведувањето на Договорот од Пржино и вториот дел од овој договор потпишан летово поврзан со сите овие аспекти – додава Суомалаинен.