Откако вчера беше откажан музичко-забавниот дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот Кочани, денеска се огласија од групата „Суперхикс“ кои требаше да настапат на концертот. Оттаму велат дека имале најдобра намера, но ја разбираат ситуацијата. Порачуваат дека на градот му е потребна брза рехабилитација.
„Од апсолутно разбирливи причини настаните во Кочани се одложуваат на неодредено време и вечерва нема да настапиме. Имавме најдобра и најискрена намера некако во моменти на слабост на градот да помогнеме, макар и на овој начин (секоја чест на сите кои помислиле дека Суперхикс би побарале некакви пари за овој настап) Остануваме на ставот дека силна и брза рехабилитација на градот му е потребна од повеќе аспекти и тоа нема да се смени. Тука сме за вас! Со љубов! Останете силни и не дозволувајте Кочани да стане град на тагата, лоши спомени и град без млади. Ваши – Суперхикс Банда Инструментале“, порачаа од „Суперхикс“.
Вчера во Кочани се одржува протест предводен од семејствата на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во март. Учесниците на протестот се противеа на одржувањето на концерт во градот. На протестот се појави и вршителот на должноста градоначалник Венко Крстевски, кој пред присутните објави дека Општина Кочани донела одлука да го откаже најавениот музички настан. Но и покрај тоа, беше дочекан со остри реакции – семејствата на жртвите му го свртеа грбот и го исвиркаа, изразувајќи гнев и разочараност.