Супермен ги напушти Лејкерси

од Vladimir Zorba

Поранешниот центар на Лејкерс, Двајт Хауард (34) повторно го смени клубот и од следната сезона ќе игра за Филаделфија, со која потпиша минимален, т.н. договор за ветерани, за една година – вреден 2,6 милиони долари.

Хауард минатата сезона беше дел од шампионскиот состав на Лејкерс, доби шанса од клупата, што не му пречеше, бидејќи имаше само една цел – да ја освои титулата.

Во просек по натпревар, во регуларниот дел од сезоната, тој запиша 19 минути, 7,5 поени, 7,3 скока и 1,1 блокада, но тие бројки паднаа во плејофот, откако немаше што да бара во конкуренцијата на Ентони Дејвис, па најмногу чекаше на шанса од клупата.

Популарниот Супермен, се сеќаваат сите, во неговите најдобри денови беше веројатно најдоминантниот центар во лигата, незапирлив во дресот на Орландо каде мина осум сезони. Трејдуван е во Лејкерс, каде остана само една година, а потоа следуваа епизоди во Хјустон, Атланта, Шарлот и Вашингтон, каде што, главно поради повредите, беше далеку од своите магични броеви.

Конечно, тој ја доби поканата што ја чекаше претходната сезона, враќање во Ло Анџелес каде ја круниса својата кариера со шампионскиот прстен.

Слични содржини