Се уште непоразениот Оле Гунар Солскјер се соочува со разнишаниот Унаи Емери. Манчестер
Јунајтед гостува на „Емирати“ – местото на кое „црвените ѓаволи“ го победија Арсенал со 3:1 во ФА
Купот во јануари.

Норвешкиот стратег може малку да си даде оддишка, откако листата со повреден играчи започна
да се намалува за денешниот супердуел. Средбата почнува од 17.30 часот.
За разлика од средата, во Париз, вечерва Пол Погба ќе биде на линија. Антони Марсијал се опорави
од повредата на препоните, а Немања Матиќ и Андер Ерера ќе можат дури да се најдат во
стартните 11. По неверојатниот успех против ПСЖ во Лигата на Шампионите, тимот ќе излезе уште
помотивиран против „топџиите“, кои од своја страна се борат за место во Топ 4.
Алексис Санчез, Џеси Лингард, Хуан Мата, Фил Џонс, Матео Дармијан и Антонио Валенсија
остануваат аут од составот, но тренерот е оптимист дека тие ќе се вратат што е можно поскоро.
Во исто време, Арсенал ќе биде без полудефанзивецот Лукас Тореира. Уругваецот доби црвен
картон во натпреварот против Тотенхем и ќе треба да истрпи казна од 3 средби.
Александар Лаказет ќе биде на располагање на Унаи Емери, откако го пропушти дуелот со Рен од
Лига Европа во текот на неделата. Со долготрајни повреди се Дани Велбек, Роб Холдинг и Ектор
Белерин.
Надежите на лондонскиот тим се диктирани од фактот дека играат на свој терен, пред својата
публика. Тимот освои две од последните 3 домашни средби против Манчестер Јунајтед (1 пораз),
колку и во претходните осум меча против нив (2 победи, 3 реми и 3 порази).
Само Манчестер Сити (42) освоил повеќе поени во домашните дуели во Премиер лигата од Арсенал
оваа сезона (38). Во меѓувреме само Тотенхем (33) и Ливерпул (32) освоиле повеќе поени од
Манчестер Јунајтед (29).
Оле Гунар Солскјер може да стане првиот менаџер во историјата на Манчестер Јунајтед кој ги
освоил првите две средби со Арсенал во сите натпреварувања, по победата на „црвените ѓаволи“ со
3: 1 во ФА Купот во јануари.