„Супорт Кочани“ до Мицкоски: Не нѐ влечете во политика, ние сме тука за луѓето!

од Љубиша Владимиров
65 прегледи

Организацијата „Супорт Кочани“, која од самиот почеток им помага на семејствата настрадани во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска јавно реагираше на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дадена вчера во Велес. Според нив, не се препознаваат во наводите дека граѓанската иницијатива преминува во политичко движење.

„Сакаме да појасниме дека организацијата ‘Супорт Кочани’ нема никаква врска со политички агенди. Ако премиерот мислел на некое друго здружение, тоа нека го прецизира. Нашата единствена мисија е да бидеме поддршка на семејствата кои изгубија најблиски во трагедијата. Политички препукувања и реторика се последното нешто што ѝ е потребно на оваа заедница која се обединила од чиста човечност“, наведуваат од „Супорт Кочани“.

Премиерот Мицкоски, кој е и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, вчера за време на прославата на Унијата на млади сили во Велес, изрази сомнеж дека одредени групи ја користат трагедијата во Кочани за политички цели. Спомена дека под превезот на поддршка се пласираат теми поврзани со локални проекти и ветувања, како катни гаражи и водоводи, што, според него, имаат за цел да влијаат врз локалните избори.

„Гледаме обиди едно граѓанско движење да се претвори во платформа за политичка критика и кампања. Има свесна манипулација и обид за политичко профитирање врз трагедија“, рече Мицкоски.

Од „Супорт Кочани“ повторуваат дека нема да дозволат ничија политичка агенда да го наруши ентузијазмот и сплотеноста на граѓаните што се собраа за да помогнат во најтешките моменти. Нивната цел, како што велат, останува иста – хуманост, солидарност и поддршка, а не политика.

Слични содржини