60 годишниот Ристо Велков кој полни 45 години работи како земјоделец не памети сушен период како овогодишниот.Во разговор за Локално мк. констатира дека екстремно високите температури и недостигот на влага во почвата не само што го намалија родот на земјоделските култури, туку влијаат негативно и врз нивниот квалитет.
„Штетите се најизразени пред се кај доматот,пиперката, краставицата, воглавно градинарските култури кои важат за понежни и почуствителни при отсуство на некој фактор во нивното одгледување.Високите теператури го десеткуваат приносот по единица површина,а во голем број случаеви изразен е и голем напад од болести и штетници.Се соочуваме со проблем бидејќи поради високите температури отежната е заштитата.’’ вели Велков, кој е претставник на Сојузот на синдикати на земјоделски производители и дипломиран инженер агрономом.
Според него, земјоделците ‘’мака мачат’’ и тешко се справуваат како да го уништат штетникот tuta apsoluta кај доматот, проблем се и кореновите nematodi кај краставицата, а се поизразен е големиот напад од verticilium,fitophtora kasici кај пиперката, пламеница кај доматот( phitoftora infestans)…„Сите овие причини условуваат драстично намалено производство кое некаде се движи едвај 5%.Повеќе од очигледно е дека не можат да се покријат ни трошоците. Со еден збор, земјоделските производители тешко ќе излезат на крај’’,вели Велков. Во меѓувреме, ситуацијата се усложни и за трговците кои соочени со услови на намален род, одат по селата и откупуваат количини колку што ќе најдат.За разлика од порано не ги носат прво на кванташки пазар, туку директно на пазарите во Скопје.
Со подеднакво загрижувачки податоци излезе и невладината “Рурална коалиција”.Од таму предупредуваат дека доколку и понатаму продолжат високите температури, земјоделците навистина ќе имаат катастрофална година. Програмскиот соработник Елизабета Ристеска Мрческа за Локално.мк потврди дека жетвата оваа година не ги дала очекуваните приноси, односно дека проценките покажуваат дека тие се помали за 30% од вообичаените приноси од претходните години. Според неа, во речиси сите региони од државата веќе се чуствуваат последиците од високите температури и сушата која не зафати. „Последиците беа изразени во регионите кои не се наводнуваат.
Тоа особено веќе беше видливо врз тутунот и пролетните култури, пиперката, кромидот и лукот. Од последиците предизвикани од високите жештини не се поштедени ниту производителите на грозје. Дождот што го имавме пред некој ден во Прилепско–Долненскиот регион, како да ја поврати надежта кај земјоделците, но таа количина секако не е доволна. Од друга страна пак дождот во одредени места беше проследен и со град кој опустоши речиси се. Има големи штети кај тутунот, бостанот, пиперката и зелката’’, вели Ристеска Мрческа.
Според неа, екстремните временски услови влијаат и врз сточарството и тоа на два начини : директно врз стоката и индиректно преку исхраната. Освен што доживуваат топлотен стрес, при жешкото време се намалува и количеството на млеко кај кравите. „Исто така сведоци сме и на бројни пожари кои се случија на територијата на Македонија, кои пак уништија бројни вегетации. Освен што беа уништени огромни површини на шумите, беа изгорени и бројни пасишта на кои сточарите ја напасуваат стоката’’, констатираат во Рурална коалиција.
Како единствен начин за спас од ваквата ситуација,Руралната коалиција ја посочува потребата од ставање акцент на справувањето со климатските промени, но секако и на одржување на веќе постоечката земјоделска инфраструктура како и изградба на нова.
„На пример во Пелагонискиот регион, не сите земјоделски површини се покриени со системи за наводнување или одводнување. Исто така, потребно е да се создадат услови за поголема искористеност на европските програми преку кои земјоделците може да поставуваат заштитна опрема , пр. заштитни мрежи , системи и сл.’’вели Ристеска Мрческа.
На несогледливи последици предупредува и Велков, кој укажува на фактот дека немањето стратегија за земјоделство во државата е причина поради која нашата држава од аграрна земја полека се претвора во земјоделско- увозна.
К.В.С.