Како што официјално објави „ИТИА“, односно Меѓународната агенција за интегритет на тенисот, Макс Персел нема да може да се натпреварува 18 месеци поради прекршување на антидопинг прописите.
Персел ја прифатил суспензијата, која официјално започнала во декември 2023 година, кога влегол во процесот на привремена суспензија.
Тој го прекршил Членот 2.2 од Антидопинг програмата во тенисот, кој се однесува на употреба на забранети методи како што е интравенска инфузија на витамини во количина поголема од дозволените 100 милилитри.
„Оваа вест целосно ми го крши срцето, бидејќи секогаш се осигурував дека сè што користам е во согласност со правилата на ВАДА. Доброволно ја пријавив оваа ситуација на ИТИА и бев максимално транспарентен“, напишал Персел на Инстаграм.
„ИТИА“ тврди дека соработката била причина првичната казна да биде намалена за една четвртина. Казната истекува во јуни 2026 година, а дотогаш Персел не може да игра, да тренира, па дури ни да присуствува на кој било тениски настан под покровителство на АТП или членката ИТИА.
„Овој случај не е резултат на позитивен тест за забранети супстанции, но потврдува дека антидопинг правилата се пошироки од самото тестирање. Нашата цел е да обезбедиме еднаков третман за сите натпреварувачи“, соопштиле оттаму.
Персел ќе мора да ги врати сите пари што ги заработил од 16 декември 2023 година до 3 февруари 2024 година, кога првпат дал негативен примерок.
Во 2023 година, Персел беше најдобар на Отвореното првенство на САД во пар со Џордан Томпсон, додека во 2022 година го освои Вимблдон.