„На крај на мај, почеток на јуни ќе може да се организираат свадбени прослави“, изјавил министерот за економија Крешник Бектеши за емисијата „Клик плус“.
Тој вели дека доколку продолжи ваквата епидемиолошка ситуација, тогаш крај на мај или почеток на јуни ќе се отворат и рестораните за свадби согласно протоколите кои ќе бидат одобрени.
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска соопшти дека епидемиолошката слика во земјава се подобрува, но рано е да се повлечат сите мерки. Тој кажа дека се намалува бројот на новозаразени случаи со ковид, а се ослободуваат и болничките капацитети, со што дел од ковид-центрите по клиниките се затвораат и болниците се враќаат на нивните примарни дејности.
Според него, рано е да дозволи одржување на свадби и организирање на концерти, но најави дека во текот на оваа недела ќе има и состанок со претставниците на организаторите на настани. Тој рече дека засега дозволено е да се одржуваат настани како состаноци, едукативни курсеви и слично.