На Свечената Академија, одржана по повод Денот на Сесловенските браќа Свети Кирил и Методиј во Општина Велес, денеска беа доделени традиционалните награди на најдобрите просветни работници и ученици во 2023 година.
Христијан Саздовски, ученик на народни инструменти во ОМУ “Стефан Гајдов”, беше прогласен и награден како најдобар ученик меѓу велешките основци во 2023 година. Ана Бошкова, ученичка во втора година во Гимназијата “Кочо Рацин”, беше прогласена најдобар ученик меѓу средношколците.
На свеченоста беше врачена и наградата на ораторскиот натпревар на тема “Словото исконска светлина”, на кој Јана Пљоково, ученичка во прва година во велешката Гимназија “Кочо Рацин”, освои прво место.
Сениха Брезева, наставничка по математика во ООУ “Панко Брашнаров”, беше прогласена за најдобар наставник во велешките основни училишта, додека професорот по стручни предмети Марјанчо Малинов во ССОУ “Коле Неделковски” беше прогласен за најдобар наставник во средните училишта.
Наградите им беа врачени од градоначалникот Марко Колев, кој во својот говор ги потсети присутните дека делото на Светите Кирил и Методиј е вечно и обединувачко. Тие беа едни од најважните личности во создавањето на словенската азбука, која претставува основа на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, со своето создавање на Глаголицата и Кирилицата.
Свеченоста беше збогатена со богата културно-уметничка програма.