Свечља за АП: Се истражува можноста за руска вмешаност во терористичкиот напад во северно Косово

од Radmila Tasevska
415 прегледи

Косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свечља изјави дека се истражува можноста за руска вмешаност во нападот од 24 септември во Бањска кај Звечане, каде што беше убиен еден и беа повредени уште тројца полицајци, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за агенцијата „Асошиетед прес“, кое го пренесуваат косовските медиуми, Свечља вели дека истражителите ги разгледуваат доказите за да видат дали има поврзаност на Русија, како сојузник на Србија, во вооружениот напад.

Според косовскиот прв полицаец, запленетото оружје, опрема и документи укажуваат на руска вмешаност во нападот.

– Она што сигурно го знаеме е дека (напаѓачите) дошле од Србија. Некои од нив се косовски Срби, кои имаат двојно државјанство, косовско и српско, а кои според информациите од нашето разузнавање биле обучувани во кампови во Србија. Најдовме некои документи кои не наведуваат на сомнеж дека имало поединци кои дошле и од Русија, изјави Свечља.

Според него, има докази за опремата, „но за луѓето сè уште постои само сомнеж“.

АП напоменува дека и на Запад постои страв дека Русија, преку Србија, може да сака да го дестабилизира Балканот за да привлече внимание од руската агресија во Украина.

– Русија во повеќе наврати ја поддржува Србија за тензиите на Косово, обвинувајќи го Западот за „неуспехот да ги заштити Србите на Косово“, пишува меѓународната агенција.

Свечља рече дека врз основа на собраните докази и снимките од дрон, некои од напаѓачите цело време носеле маски.

– Ниту членовите на групата кои беа уапсени, не знаеја кои се тие. Значи, тие се или високи функционери од безбедносниот сектор на Србија, или можеби дошле директно од Русија, рече Свечља.

Министерот за внатрешни работи изјави дека целта на агресијата била заземање на косовскиот север, кој е населен со мнозинско српско население, со крајна цел отцепување од Косово.

– Имаа уште 100 униформи. Тие планираа да регрутираат повеќе луѓе од областите каде што живеат Срби … Косовските институции ќе требаше да се соочат со стотици терористи во сценариото што го планираа, рече Свечља.

Тој рече дека арсеналот оружје што го запленила полицијата покажува дека се подготвувал план во кој се вклучени стотици луѓе, додека „ризикот од можна експлозија не е завршен“.

– Немаме судири, но имаме информации дека вежбите на овие терористи продолжуваат во Србија. Во Косово има луѓе кои се дел од оваа група, рече Свечља.

Слични содржини