Денешното рочиште за случајот против Клиника Жан Митрев и д-р Митрев повторно се одлага поради несериозниот однос на обвинителство. Иако беше уредно закажано и покана доставена до сите засегнати страни, судијката беше принудена да го откаже.
За денешното рочиште беа закажани изјавите на сведоците на обвинението. Но еден од сведоците не понесе лична карта за идентификација, што е задолжително при давање исказ пред судија, а вториот сведок воопшто не се појави затоа што не бил известен.
Заради непостоење објективни услови за одржување на рочиштето истото се одлага.
Наспроти ваквиот несериозен однос од страна на обвинителство, Д-р Митрев се појави на рочиштето со повреда и откако два месеци беше оневозможен да се движи.
„Одбраната го извести судот дека континуираната психичка тортура врз д-р Митрев, која започна со монтирана сторија,продолжува со уште еден морбиден обид во форма на монтирана фотографија објавена на социјалните мрежи само неколку дена пред рочиштето на која д-р Митрев е прикажан изрешетан со повеќе прострелни рани и со текст „убиен познатиот македонски лекар“, велат од Клиниката за случајот.
По ова одбраната постави прашање која е пораката на оваа континуирана тортура на обвинетиот, дали можеби психичкото уништување на врвниот кардиохирург со цел да му биде преземена клиниката. Дали со оваа фотографија од убиениот Жан Митрев се испраќа порака дека така ќе заврши?
Овие постапки заедно со постапките на институциите, за д-р Митрев претставуваат континуитет на тортурата што се врши врз него и оневозможување на неговите основни права. Па така и покрај енормно високата гаранција од 1.000.000 ЕУР за негово присуство на судењето, му се попречуваат сите аспекти на животот почнувајќи од правото на приватен живот кога му е одбиено привремено враќање на патната исправа заради придружба на неговиот син на приемен испит за лекарската професија, правото на професионална дејност кога му е одбиено привремено враќање на патната исправа заради присуство на конгрес од највисоко ниво на кардиохирурзи на кој бил поканет да презентира наука пред форум на врвни кардиолози од светски ранг.
И конечно правото на лекување од тешката повреда која во меѓувреме ја преживеа во установа соодветна за лекување на такви повреди за да се одбегне можноста да биде онеспособен за вршење на неговата професија заради повредата, кое што барање е во тек, но на истото дури и однапред знаеме дека не се ни обрнува внимание бидејќи одбраната доби закана дека ќе биде отфрлено барањето затоа што немало оригинални докази, иако истите се наоѓаат во судскиот предмет кој судечкиот судија го достави до Кривичниот совет.
Поради сето ова побарано е Судот во конкретниот случај да стори се за да владее правото, а не заканата од насилие кон д-р Жан Митрев, се додава во соопштението на Клиниката.