Сведок во „Плацеви на Водно“: Алек Теранова дојде во име на Груевски

од Nikola Popovski
660 прегледи

Адвокатот Серјожа Марков во своето сведочење денеска во случајот „Плацеви на Водно“ раскажа како течела постапката за основање на компанијата Сирах инжинеринг. Бизнисменот Александар Ивановски – Алек Теранова се обратил за основање на фирмата, која е ќерка на офшор-компанијата „Синах лимитед“ од Белизе.

Според Марков, ниту нотар би дозволил да се прифатат бланко-потписи, без странката да биде запознаена со документот што го заверува.

„Алек Теранова ми приложи полномоштво со сите потребни документи за основање домашно друштво со странски капитал. Јас имам адвокатско друштво со повеќе адвокати специјализирани за одредени области. Од моментот кога дојде Алек кај мене во канцеларијата, а инсистираше да биде лично со мене, со тврдење дека не е за на телефон, ми образложи каква правна помош му е потребна, повикав адвокат што работи во областа на статусното право. Тој кога дојде кај мене, забележав ароганција, а пред да ми каже за што се работи рече дека е пратен од премиерот Никола Груевски и дека тоа го работи за него“, рече Марков.

На прашање на обвинителката Лиле Стефанова, кое лице било запишано како управител на фирмата, сведокот кажа дека Ивановски рекол оти тоа ќе биде Ристо Новачевски.

„Ми рече дека тоа ќе биде Ристо Новачевски, ми го претстави како кум на Груевски, ми најави дека ќе дојде во следните денови, но тука веќе беше присутна адвокатката што работи во мојата канцеларија, Менка Макаровска, која го работеше овој случај. Реков целата кореспонденција да ја води со неа. Нејзе ѝ кажав за сите активности да го известува и за тоа да има писмена кореспонденција, имајќи предвид дека ако утре дојде до проблем некој може нас да нè посочи како виновници“, рекол адвокатот.

По вкрстеното испитување во кое Мијалков бараше одговор од адвокатот дали нешто било потпишано во адвокатската канцеларија, Марков повтори дека не бил ставен никаков потпис. Со сослушување на овој сведок заврши денешното рочиште. Следното е закажано за 11 ноември.

Слични содржини