Со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Плацови на Водно”. Меѓу сведоците беа поранешна советничка во Општина Гази Баба и сопственик на градежна фирма од Скопје.
– Јас сум член на ВМРО-ДПМНЕ од 1999 година, а сум била советник од 2009 до 2013 година, во Општина Гази Баба. Сум донирала во неколку наврати, сум донирала и 200.000 денари, како и 60.000 денари, од заштедата што сме ја имале со сопругот. Донациите сум ги давала во 2010 година, додека бев советник, во тој период, во друг период не. На благајна, во локалната власт каде што бев советник, со каса прими, изјави Сузана Николовска, член на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека Никола Груевски не го познава, освен од медиуми.
Драги Огњаноски од градежна фирма во Скопје, кажа дека во 2000 година, пред ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе централната власт, донирал 300 000 денари (над 5000 евра), откако тоа од него го побарал Коце Трајановски.
– Тогашниот градоначалникот на Гази Баба Коце Трајановски ми се јави, бидејќи ние сме градежна фирма и работиме со општини и други институции. Општината ни должеше пари и не ни ги исплаќаше, па Трајановски ми се јави пред избори и ми рече да уплатам донација на партијата пред изборите и дека за сметка на тоа ќе нема да има никакви проблеми со исплата и ќе помагаат колку ќе помагаат ако дојдат на власт, изјави сведокот Огњановски.
Парите, рече дека ги дал во старата жолта зграда на ВМРО-ДПМНЕ на Гордана Јанкулоска, за што добил каса-прими.
Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Лиле Стефанова.