Света архиерејска литургија во Соборниот храм по повод Св. Климент Охридски

од Stefanija Kuzmanovska
141 прегледи

По повод празникот на големиот светител Климент Охридски, патронот на нашата Света Црква – Македонската православна црква – Охридска Архиепископија во Соборниот храм во Скопје денеска се одржа света архиерејска литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан во соослужение со шест архиери и многубројни свештенослужители.

На литургијата проповедаше епископот Херајклејски г. Климент, кој ги потсети верниците на божиќниот пост и се осврна на животот, образованието и делото на Св. Климент Охридски. Покрај Горазд, Наум, Сава и Ангелариј, тој, како што рече, бил најсакан и најбистар ученик на Светите Кирил и Методиј.

„Соборниот храм е најприличното место за средба со нашиот небесен покровител овде и во овој простор охрабрени од неговата многупати покажана милост и закрила му оддаваме достојна чест и долична благодарност. Божјиот дом е местото каде исчезнуваат растреперените колебања на академската несигурност за тоа кој е и чиј е Св. Климент. Обидите за согледување или разбирање на светителот преку историско-теоретското проучување се еднострани и лишени од есхатолошката стварност. Феноменот на светителот останува недопрен и скриен дури и во придушената светлина на религискиот концепт“, рече г. Климент.

Тој нагласи дека Свети Климент живеел, делувал, учел и поучувал, богослужел и проповедал со, како што рече, благодатта и во неа, со Црквата и за неа, со светото Евангелие и за него, со Бога и во него.

Слични содржини