„Свети ВМРО да биде, ако е виновен, ќе одговара Папазов“ – тврди Мицкоски

од Марта Пешевска
100 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека истражните органи ќе ги проверат сите документи во Општина Кочани во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“. Тој нагласи дека никој нема да биде заштитен и дека секој што има вина, ќе сноси одговорност.

„Дали и колкава е одговорноста на градоначалникот, ќе утврди Обвинителството. Градоначалникот поднесе оставка и стои на располагање. Истражните органи денеска ќе влезат во Општината и ќе ги проверат сите документи. Ако некој мисли дека ние го штитиме затоа што е од ВМРО-ДПМНЕ, се лаже. Никого нема да штитиме. Свети ВМРО да биде, и јас да сум, брат да ми е – ако има вина, ќе одговара,“ изјави Мицкоски по посетата на повредените од пожарот во ГОБ „8 Септември“ во Скопје.

Тој додаде дека ќе има кривична одговорност за сите инволвирани, но повика да не се шпекулира со информации што не се засноваат на факти.

„Ако е потребна морална или политичка одговорност, удрете на мене. Јас сум тука и ќе се соочам со предизвикот, но нема да дозволам да се создаваат лажни информации. Доколку некој има вина, ќе одговара,“ потенцираше Мицкоски.

Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека претставници од надлежните институции денеска влегле во Општина Кочани за да ја подигнат потребната документација во врска со дозволите и работењето на дискотеката „Пулс“.

Од Обвинителството засега нема официјална информација дали нивни обвинители се дел од истрагата во општинската зграда.

Слични содржини