Светот масивно се вооружува, потрошувачката за првпат ја надмина онаа од Студената војна

од Stefanija Kuzmanovska
172 прегледи

Глобалната воена потрошувачка достигна нов врв во 2022 година, објави институтот за мировни истражувања SIPRI со седиште во Стокхолм, наведувајќи дека станува збор за раст на потрошувачката од 3,7 отсто во склад со инфлацијата, односно за овие цели се потрошени 2,24 трилиони долари.

Во 2022 година, европските земји забележаа најголем пораст на потрошувачката во изминатите 30 години поради руската агресија врз Украина.

Надмината потрошувачката од крајот на Студената војна

„Воените расходи во земјите од Централна и Западна Европа изнесуваат 345 милијарди долари. Реално, потрошувачката на тие земји за првпат ја надминува потрошувачката од 1989 година, на крајот на Студената војна и е за 30 отсто поголема од онаа во 2013 година“, се наведува во извештајот на SIPRI на својата официјална веб-страница.

На глобално ниво, веќе осма година по ред земјите во светот продолжуваат да издвојуваат повеќе пари за војската од претходната година. Институтот SIPRI очекува дека овој тренд ќе продолжи и во наредните години, со оглед на моменталната безбедносна состојба.

Убедлив лидер во потрошувачката и понатаму се САД, а потоа следат Кина и Русија, кои поради војната скокнаа од петто на трето место на листата на земји со најголеми воени трошоци. Украина забележа пораст од 640 отсто и сега е на 11-то место откако беше на 36-то место претходната година. Германија останува седма по пораст од 2,3 отсто.

Годишниот извештај на SIPRI се смета за најсеопфатна база на податоци во светот за воените трошоци на земјите, која ги вклучува трошоците на земјите за персонал, воена помош и воено истражување и развој.

Слични содржини