„Мислам дека тоа е нешто за кое претседателот би бил и тоа како заинтересиран – да ги повика да учествуваат во финансирањето“, изјави Левит. „Тоа е идеја за која размислува и верувам дека наскоро ќе слушнеме повеќе директно од него“, пренесува Ројтерс.
На прашањето дали арапските земји навистина ќе се вклучат и ќе помогнат во покривањето на трошоците за евентуален конфликт, Левит остана воздржана, но јасно стави до знаење дека таа опција се разгледува на највисоко ниво.
Во исто време истакна дека преговорите со Иран продолжуваат и дека, и покрај јавната реторика, се движат во добар правец. Според неа, тоа што Техеран јавно го порачува значително се разликува од пораките кои им ги испраќа на американските претставници зад затворени врати. „И покрај сите јавни настапи на режимот и неточните медиумски наводи, преговорите продолжуваат и одат добро. Тоа што се кажува јавно, секако, значително се разликува од тоа што ни се комуницира приватно“, изјави Левит.
Таа додаде дека Иран во приватни разговори веќе прифатил дел од барањата од Вашингтон, но и предупреди дека САД внимателно ќе ја проверуваат секоја преземена обврска. „Сè што Иран приватно го порачува ќе биде ставено на тест, а ние ќе се погрижиме Техеран да сноси одговорност за своите зборови“, нагласи таа.
Претходно истиот ден, Трамп дополнително ја заостри реториката кон Техеран. Предупреди дека иранските енергетски постројки и нафтени полиња би можеле да бидат „срамнети со земја“ доколку Иран не го отвори Ормутскиот теснец, откако Техеран ги оцени американските мировни предлози како „нереални“ и испали бранови ракети кон Израел.
Глобалниот раст на цените на нафтата и гасот во првиот месец од војната со Иран го чинеше светот повеќе од 100 милијарди долари, предупредува меѓународната еколошка организација 350.org, пренесува Ал Џезира. Според нивната анализа, потрошувачите и компаниите ширум светот се соочиле со трошок од дури 111 милијарди долари поради поскапувањето на енергенсите за само еден месец од конфликтот.
Во извештајот се наведува дека големите нафтени компании, како „Шеврон“, „Шел“ и „ЕксонМобил“ се „на прагот да остварат милијарди долари неочекувани (екстра)профити“ благодарение на кризата. Организацијата ги повикува владите да воведат даноци на таквата добивка и собраните средства да ги насочат кон ублажување на растот на цените. Сепак, предупредуваат дека проценетиот износ не ги опфаќа пошироките последици што веќе се прелеваат врз економијата.
„Пресметката сè уште не ги вклучува пошироките верижни ефекти, како растот на цените на ѓубривата и храната“, истакнува 350.org. „Поради тоа, реалната економска штета веројатно е значително поголема од загубите предизвикани само од цените на нафтата и гасот.“
Особено се издвојуваат примери од Азија. Како што наведува организацијата, на Филипините законодавците неодамна предложиле воведување данок на екстрапрофит за да се ограничи профитирањето на нафтените компании, додека Индија повторно вовела ваков данок на извозот на нафта. Претседателот на Индонезија, пак, повикал на изградба на дури 100 гигавати соларни капацитети со цел земјата да ја зајакне енергетската независност.
Од 350.org порачуваат дека долгорочното решение е јасно: „Инвестирањето во обновливи извори на енергија е најефикасниот начин за стабилизирање на цените, зајакнување на енергетската безбедност и заштита на економиите од идни кризи.“