Западен Балкан закрепнува брзо од рецесијата предизвикана од пандемијата на коронавирус, така што просечниот економски раст во регионот може да достигне 5,9 проценти оваа година, според најновата проценка на Светска банка (СБ), објавена во четвртокот.
Во редовниот шестмесечен извештај, СБ укажува дека економиите на БиХ, Србија, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Албанија се опоравуваат многу подобро отколку што се очекуваше откако целиот регион забележа просечен пад на бруто домашниот производ (БДП) од 3,1 отсто во 2020 година.
Аналитичарите на Светска банка предвидуваат дека растот на регионалниот БДП, по охрабрувачките трендови оваа година, ќе биде 4,1 проценти следната година и 3,8 проценти во 2023 година.
Економското закрепнување низ регионот е резултат на посилната домашна и надворешна побарувачка, а со закрепнувањето на домашната потрошувачка и патувањата низ Европа го зголемија приливот на дознаки од странство и туристички приходи во летото 2021 година. Силното закрепнување на развиените економии, исто така, ја зголеми побарувачката за стоки произведени во балканските држави.
Но, СБ предупредува дека закрепнувањето останува неизвесно. Оттаму потсетуваат дека пандемијата доведе до губење на многу работни места поради рецесијата и нејзините последици, што особено ги погоди жените и младите.
Ова може да ги забави напорите за зголемување на постојано ниските стапки на активност на работната сила во регионот. Невработеноста кај младите во Западен Балкан се зголеми на 37,7 отсто во 2021 година, што е за 5,4 процентни поени повеќе од јуни 2020 година.
Светската банка вели дека глобалните напори за борба против климатските промени претставуваат нови предизвици и за Балканот, бидејќи тие бараат длабоки промени во општеството. Приоритетите на потрошувачите и инвеститорите се менуваат, зелените технологии наметнуваат нови бизнис модели на пазарот, а зелените политики ги менуваат економските средини. Имајќи го ова на ум, зазеленувањето на економијата на секоја земја станува одлучувачки фактор за меѓународната конкурентност и способноста да се привлечат меѓународни финансии и инвестиции.
Ефективното управување со зелената транзиција, вклучително и голем број компромиси во политиката, треба да биде во центарот на политиките на Западен Балкан во наредните години, им препорачува Светска банка на владите во регионот.