СВЕТСКИТЕ ЛИДЕРИ СЕ ЗБОГУВААТ СО ГОРБАЧОВ: Што рекоа Бајден, Кисинџер и Макрон за него

од Vladimir Zorba
223 прегледи

БРОЈНИ светски лидери, сегашни и поранешни, реагираа на веста за смртта на поранешниот претседател на СССР, Михаил Горбачов, едногласно посочувајќи дека тој е човек кој го променил светот.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш оцени дека поранешниот претседател на СССР бил државник кој го променил текот на историјата и направил повеќе од кој било друг за да стави крај на Студената војна.

-Длабоко сум тажен поради смртта на Михаил Горбачов, единствен државник кој го промени текот на историјата. Повеќе од кој било друг, тој придонесе за мирно завршување на Студената војна. Кога ја доби Нобеловата награда во 1990 година, рече дека мирот не е униформност, туку единство на различностите. Ова разбирање го примени во пракса, следејќи го патот на преговорите, реформите, транспарентноста и разоружувањето – се наведува во соопштението.

Американскиот претседател Џозеф Бајден оцени дека бил човек со исклучителни погледи кон светот.

– Горбачов беше човек со исклучителни ставови – рече Бајден и додаде дека своевремено како сенатор бил сведок како Горбачов ја завршил Студената војна. Тој инсистираше на демократски реформи, сметајќи дека „перестројката“ и „гласноста“ не се обични пароли – се вели во соопштението на Белата куќа.

Според Бајден, Горбачов бил извонреден лидер, кому не му недостасувала храброст да реализира поинаква иднина на својата земја.

– И по заминувањето од функцијата беше многу ангажиран. Кога тој ја посети Белата куќа во 2009 година, имавме долга дискусија за напорите на нашите земји да го намалат својот нуклеарен арсенал. Беше лесно да се разбере зошто толку многу луѓе во светот го ценат толку многу – изјави американскиот претседател.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, смета дека Горбачов со своите постапки го отворил патот кон слободна Европа

– Горбачов беше лидер кој уживаше авторитет и почит. Тој одигра клучна улога во завршувањето на Студената војна и падот на железната завеса. Ова го отвори патот кон слободна Европа. Тоа е наследство кое нема да го заборавиме – напиша таа на Твитер.

Поранешниот американски државен секретар и поранешен советник за национална безбедност на американскиот претседател Хенри Кисинџер за британските медиуми изјави дека Горбачов направил голема работа за доброто на целото човештво, но дека не можел сите свои идеи да ги претвори во реалност.

– Тој ќе остане запаметен во историјата како човек кој иницираше историски промени од кои корист имаше целиот свет и народот на Русија. Тој ги задолжи граѓаните на Источна Европа, Германците и на крајот Русите со инспирација и храброст да ги поттикнат идеите за слобода – рече Кисинџер.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека посветеноста на Горбачов за мир во Европа ја променило историјата.

– Изразувам сочувство за смртта на Михаил Горбачов, поддржувач на мирот, човек чиј избор го отвори патот кон слободата за Русија. Неговата посветеност на мирот во Европа ја промени нашата заедничка историја – напиша тој на Твитер.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида изјави дека поранешниот претседател на Советскиот Сојуз одиграл важна улога во планот за нуклеарно разоружување.

Тој потсети дека Горбачов во 1991-92 г. ги посетил Хирошима и Нагасаки на кои Америка ја фрли нуклеарната бомба.

– Тој беше човекот кој прв во историјата го потпиша Договорот меѓу Русија и Америка за намалување на нуклеарното оружје и доведе до крај на Студената војна – рече Кишида.

Поранешниот американски државен секретар Кондолиза Рајс истакна дека Студената војна немало да заврши мирно без Горбачов.

Според неа, Горбачов бил човек кој се трудел да обезбеди подобар живот за својот народ.

Австрискиот канцелар Карл Нехамер изјави дека Горбачов придонесе како никој друг за зближување на Истокот и Западот по падот на „железната завеса“ и крајот на Студената војна.

Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека секогаш се восхитува на храброста и интегритетот на Горбачов. Тој, исто така, истакна дека Горбачов дал значаен придонес за мирно завршување на Студената војна.

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони го нарече Горбачов „шампион на демократијата“ и човек кој ја промени историјата на 20 век.

Слични содржини