Свлечиште го прекина снабдувањето со технолошка вода во индустрискиот дел на Битола

од Vladimir Zorba
113 прегледи

Свлечиште, во непосредна близина на битолското село Драгарино, го оштети главниот канал за технолошка вода која ЈП „Стрежево“-Битола им ја испорачува на компаниите од приватниот и јавниот сектор во индустрискиот дел на општината.

Свлечиштето, според Марјан Героски, генерален директор на ЈП „Стрежево“-Битола, во моментов не претставува опасност, но преземени се мерки за заштита и решавање на овој проблем.

– Веднаш по оштетувањето на цевководот и прекинот на снабдувањето со технолошка вода, го активиравме стариот цевковод и продолжуваме со непречено испорачување на технолошка вода за потребите на РЕК Битола и други индустриски капацитети, рече Героски.

За активирањето на свлечиштето информирани се професори, стручни лица од градежниот факултет при УКИМ-Скопје кои треба да посочат какви активности треба да се преземат за времено и трајно решавање на проблемот со свлечиштето.

– Бидејќи станува збор за голем притисок што го прави свлечиштето ангажиравме градежна мехазниација за справувањето со овој проблем кој ќе го решиме за ден-два. Потоа ќе извршиме „бај-пас“ на теренот за повторно да го ставиме во функција цевководот кој се користи за испорака на технолошка вода до РЕК-Битола, посочи Героски.

Заради прекинот на главниот индустриски цевковод, дел од корисниците користат алтернативни извори на вода или, пак, работат со намален обем, потврдија од ЈП „Стрежево“-Битола./МИА  фото МРТ