СВР Тетово го расчисти случајот со кучето кое угина по пад од зграда во градба

од Симе Стоиков

ВР Тетово денеска извести дека се преземени сите потребни мерки за расчистување на случајот со паднато куче од зграда во изградба.

Според портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски, извршени се службени разговори со двајцата пожарникари кои биле повикани да го заловат и отстранат кучето од објектот во кој работници изведувале градежни работи, како и со лицето пријавител и очевидец на паѓањето на кучето.

– Притоа, утврдено е дека не се точни шпекулациите дека наводно некој го турнал кучето. Местото на паѓањето е фотодокументирано и по целосно комплетирање на сите службени материјали ќе биде изготвено писмено известување кое ќе се достави до јавен обвинител, информираше Јосифоски.

Во петокот се појави видео снимка во која куче паѓа од зграда во Тетово. Тоа по падот угина, а граѓаните споделувајќи го на социјалните мрежи пишуваа дека човек го фрлил. Вчера изјава за случајот имаше и пожарникарската единица од каде посочија дека никој не го фрлил кучето туку, дека тоа било исплашено и бегало од пожарникарите кои добиле повик да го изнесат од објектот што е во градба.

Слични содржини