Трите починати лица што беа пронајдени во неготинското село Црвени Брегови биле на возраст од 71 и 66 години и еден малолетник, а нивните тела се предадени за обдукција, потврдија вечерва за МИА од СВР Велес.
– Првичната информација е дека во 16.35 часот во ОВР Неготино било пријавено дека во објект во село Црвени Брегови, неготинско, биле пронајдени три починати лица- Ј.Ј.(71) од Битола, Ф.Е.(66) од Ресен и малолетник од село Црвени Брегови. Лекар од Итна медицинска помош Неготино констатирал смрт, а увид на местото извршил јавен обвинител во содејство со увидна екипа од ОВР Неготино. По наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени на обдукција, појасни портпаролката на СВР Велес Биљана Ѓаковска.
Претходно случајот го потврдија од Јавното обвинителство од каде наведоа дека при првичниот преглед на лицата не се констатирани траги на насилство.
-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци извршил увид на лице место во неготинското село Црвени Брегови, каде во мала куќа која се користела како импровизиран верски објект биле пронајдени три безживотни тела меѓу кои и на едно дете на возраст од околу 14 години.
– При првичниот преглед на лицата не се констатирани траги на насилство. Јавниот обвинител издава наредби за обдукција, како и наредба за испитување на исправноста на плинскиот уред на кој се грееле, изјавија од Обвинителството