
Африка би можела да стане следниот епицентар на појава на коронавирус, предупреди Светската здравствена организација (СЗО).
Минатата недела се забележува нагло зголемување на бројот на заразени лица.
Досега има скоро 1.000 смртни случаи и повеќе од 18.000 заразени низ Африка, иако овие стапки се далеку под оние што се пријавени во делови од Европа и САД, пренесува Би-Би-Си.
СЗО наведува дека вирусот се чини дека се шири надвор од африканските престолнини. Исто така беше истакнато дека нема доволно респиратори на континентот потребни за лекување на тешко болните.
Директорот на оваа организација во Африка, Матшидисо Моети, изјави за Би-Би-Си дека организацијата видела дека вирусот се шири од поголемите градови кон „надворешните региони“ во Јужна Африка, Нигерија, Брегот на Слоновата Коска, Камерун и Гана.
Таа рече дека тие се фокусирале на превенција отколку на лекување на болеста затоа што африканските земји немаат капацитет да лекуваат многу пациенти со коронавирус.
– Ние сакаме да ја намалиме стапката на луѓе кои треба да бидат пренесени на интензивна нега, бидејќи знаеме дека во повеќето африкански земји овој вид одделенија не се соодветно опремени. Морам да истакнам дека недостатокот на респиратори е еден од најголемите предизвици во оваа земја – рече таа.
За пациенти кои имаат сериозни симптоми на КОВИД-19, пристапот до респиратори може да биде прашање на живот или смрт.
Исто така, постојат стравувања дека болеста би можела да се рашири брзо во преполни места каде што е невозможно да се практикува физичко растојание и каде многумина немаат пристап до чиста вода и сапун.