СЗО: Бројот на пациенти во светот е зголемен за десет проценти

177 прегледи

Светската здравствена организација соопшти денеска дека минатата недела бројот на заболени од вирусот корона во светот се зголемил за десет проценти, најмногу во Америка и Европа.

СЗО во својот неделен извештај за епидемиолошката состојба во светот наведе дека бројот на заразени го достигнал својот врв на почетокот на јануари, со скоро пет милиони случаи неделно, но во средината на февруари паднал на околу 2,5 милиони.

Во претходните три недели, бројот на заразени постојано растеше, по неколку недели пад.

Според извештајот на СЗО, минатата недела бројот на заразени и мртви во Соединетите држави и Европа претставува 80 проценти од вкупниот број на нови случаи.

Во Европа, бројот на новоинфицирани е поголем за шест проценти во споредба со претходната недела, додека смртните случаи „стабилно опаѓаат“. Најголем број е забележан во Франција, Италија и Полска.

Како што расте бројот на заразени, повеќе од десетина земји, претежно во Европа, привремено ја прекинаа употребата на вакцината Астразенека против ковид-19, поради извештаи за згрутчување на крвта.

СЗО и Европската агенција за лекови соопштија дека нема докази дека вакцината е поврзана со згрутчување на крвта и дека придобивките сè уште го надминуваат ризикот од несакани ефекти.

Слични содржини